Децата во спортот – сигурна комбинација за здравје, среќа и за напредок

Спортувањето носи најголеми придобивки кај децата, почнувајќи од физичкото и од психолошкото здравје, сѐ до социјалниот аспект од животот. Спортот како телесна активност дополнително стимулативно помага во тактичкиот раст и развој. Спортот претставува воспитно-социјална активност, која има улога во растот и во подготовката на личноста за одговорна возрасна личност. Влијае на поттикнување на социјалното однесување, успехот во училиште, јакнење на карактерот, самопочитување и самодоверба, усвојување морални вредности, навики за здраво живеење. Преку тимскиот спорт се учат тимска работа, делење, самодисциплина, лидерство, толеранција, совладување проблем-ситуација, работни навики, вештини за комуникација, раководење и соработка, пријателство, преземање одговорност и обврска, несебичност, работна навика, спортско однесување, фер плеј, спортски карактер, одговорност за преземање ризик, зголемена концентрација и внимание, залагање, истрајност, емпатичност, почит на другите, развој на вештини за користење на личните капацитети, ментално резонирање и одлучување, контрола на надворешните провокации и стрес.

Исто како правилната и здрава исхрана, физичката активност е еднакво важна за развојот и за здравјето на децата. Практикувањето на кој било спорт или физичка активност е есенцијално за нивното подобро и правилно растење и развивање. Здравствените придобивки од спортовите, како кај возрасните така и кај децата, се огромни и оттука од голема предност е да се почне со физичка активност уште на рана училишна возраст.

Секое дете има сопствени карактеристики и склоности, кои се препознаваат од најрана возраст. Раното откривање на спортскиот потенцијал е појдовна основа за тоа како детето понатаму ќе се развива на спортски професионален план.
Секој од индивидуалните или од тимските спортови различно влијае на физичкиот (телесниот) и на менталниот развој – агилност и брзи реакции, развој на респираторниот систем, мускулен систем, моторни движења и кардиоваскуларен систем, нервен систем, циркулација, контрола над телесната тежина, флексибилност и еластичност, учење, дисциплина, исполнување цели, самодоверба, смиреност, почит кон себе и кон другите, намалување агресија и зголемено ниво на толеранција со рационализација.

Почитување авторитет, координација око – око, координација око – рака, брзина, сила, издржливост, координација, издржливост, рамнотежа визуализација, перцепција, его-перцепција, слика за себе, кој сум јас и кој сакам да бидам, ментален тренинг, сензорен развој, развој на фината и на грубата моторика, прифаќање пораз, соочување со успех и со неуспех, надминување на анксиозноста, срамежливоста.
Развојот значи процес на промена, која настанува како резултат на почитување на индивидуалните карактеристики на детето, следење на неговите внатрешни сили, природниот развој и вештините за движење, размислување, чувствување, зборување. Целта е поттикнување моторички, когнитивни, конативни, јазични, специјални вештини, социјално и емоционално созревање, снаоѓање во проблем-ситуации.
Секое дете поради својата различност, на различна возраст може да почне со спорт, најважно е да се следи индивидуалниот ритам на детето, да се направи индивидуален пристап кон него во тројна координација тренер – доктор – психолог. Сепак 6-та година е оптимално време за почнување со активна физичка ориентација.