Актуелно

Хоакин Сагес Блеса: Горди сме што по 50 земји во светот сега сме и во Македонија!

Македонската фудбалска јавност добива вистинска привилегија на свое тло, како дел од Реал Мадрид фондацијата, да биде организатор на кампот „Campus Experience“. 

Компанијата „Спорт Арена“ како лиценциран партнер деновиве е домаќин на Шпанецот г-дин Хоакин Сагес Блеса, директорот на Реал Мадрид фондација Campus Experience.

Гостинот, на заедничка прес конференција со директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски, како и лиценцираниот организатор за Македонија, Спорт Арена, претставувана од г-дин Влатко Тодев, потврди дека ова лето најдобриот фудбалски камп и со највисока репутација во светот во полн сјај ќе блесне и во Скопје.




Изразувајќи го своето задоволство за поддршката на кампот од страна на државата и федерацијата, Хоакин Сагес Блеса се обрати до македонската јавност.

„Многу сме горди што по повеќе од 50 земји во светот, Реал Мадрид фондацијата ќе има свој интернационален камп и во Македонија. Изразувам благодарност до Владата на Република Македонија и до ФФМ за поддршката и секако до организаторот Спорт Арена на чело со Влатко Тодев. Нашата цел е момчињата и девојчињата да го искусат дружењето и да здобијат одредено ново фудбалско знаење од нашите фудбалски едукатори. Ќе работиме на две основи, фудбал, но и градење на нови вредности. Сето ова ќе го реализираме на одличните инсталации кои се веќе обезбедени од организаторот на кампот“ – истакна Хоакин Сагес на денешната средба со медиумите.

Хоакин Сакес Блеса говорејќи за цената на учество на кампот потврди дека истата се должи на тоа што организаторот мора да обезбеди тренери од Шпанија и да ги исполни сите врвни стандарди кои се пропишани со лиценцата.

Г-дин Дарко Каевски во името на АМС и г-дин Филип Поповски во името на ФФМ исто така ја дополнија важноста на овој проект.

Од Агенцијата за млади и спорт потенцираа дека неизбежно ќе следи поддршка за вакви големи проекти кои се од големо значење за спортот во Македонија.

„Владата на Република Македонија и Агенцијата за млади и спорт секогаш даваат поддршка за проектите кои носат ново искуство и се од големо значење за спортот во нашата земја“ – рече директорот на АМС, Дарко Каевски.

„Го препознавме значењето на овој голем проект, кој има големо значење за Македонија и кој за првпат во регионот ќе се оддржи во Скопје. Фудбалската Федерација на Македонија преку организаторот на кампот Спорт Арена ќе се обиде да ги поврземе тренерите од Реал Мадрид Фондација со нашите тренери, што ќе биде уште една голема придобивка за македонскиот фудбал“ – истакна генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски.

Носителот на лиценцата за Македонија, г-дин Влатко Тодев, најави дека засега оперирааат со лимитиран број на учесници во кампот, бидејќи ќе настојуваат да ги достигнат посочените стандарди за врвно искуство и додаде:

Кампот „Campus Experience“ ќе ги запази сите стандарди во кои децата учесници се во фокусот на проектот, односно од него треба да излезат како добри луѓе и уште подобри фудбалери. За ова да се оствари, на кампот ќе работат исклучиво сертифицирани тренери од Реал Мадрид Фондацијата, спроведувајќи оригинални методи низ дневните тренинзи и натпревари, а на крај учесниците ќе добијат и официјални сертификати за учеството. 

Согласно стандардите на Реал Мадрид Фондацијата, на секои 20 учесници ќе има по еден тренер. Дополнително, во рамки на едукацијата ќе учествуваат и други предавачи, како од Шпанија, така и од Македонија. Дел од планот се и монитори кои ќе го организираат слободното време на учесниците меѓу тренинзите.

Кампот ќе биде достапен за момчиња и девојчиња на возраст од 7 до 17 години. Плаќањата ќе бидат достапни на повеќе рати преку банкарски институции, а дополнително, партнерите на овој камп Реал Мадрид Фондација за секој учесник ќе обезбедат спортска опрема (комплет од дрес, шорцеви, штуцни, капа, ранец и фудбалска топка), додека од страна на локалните партнери за сите пријавени се обезбедени бенефити (ваучери, повластици,попусти..)

Овој интернационален фудбалски камп ќе се спроведе на фудбалските терени на тренинг – центарот „Петар Милошевски“.

Цената за учество на овој камп, кој ќе се одржи од 11 до 15 јуни оваа година 18.990 денари за акредитација која му овозможува 8-10 часа (во зависност од временските услови) присуство на кампот во текот на денот (односно без сместување) или акредитација на 24 часа (при што се додадени и услугите за сместување, исхрана и трансфер) за цена од 26.990 денари. Одреден е попуст за двајца или повеќе учесници од едно семејство, како и за учесници кои поседуваат членска карта на Реал Мадрид или членска карта на Мадридиста.

Отворен е и телефонски број (078-462-622) за информации и пријавување за сите заинтересирани. Пријавувањето ќе се врши на официјалниот веб сајт на Фондацијата Реал Мадрид www.campusexperiencermf.com или во канцеларијата на бул. Александар Македонски бр.23 лок.10, која ќе биде отворена секој работен ден од 10-17 часот. Последниот рок за пријавување е 29. мај 2018 година. Бројот на учесници на кампот е ограничен.

Галерија