Хоакин Сагес Блеса: Децата од Македонија да ја прифатат формулата за успех на Реал Мадрид фондација

Македонија оваа година влегува во семејството на земји кои ја имаат привилегијата да бидат домаќини на „Campus Experience“, фудбалскиот камп што го организира Реал Мадрид фондацијата. Во соработка со македонската компанија „Спорт Арена“, која е лиценциран партнер на овој проект, кампот „Campus Experience“ ќе се одржи од 11 до 15 јуни на комплексот „Петар Милошевски“ во Куќата на фудбалот во Скопје, а можност за учество ќе имаат момчиња и девојчиња од 7 до 17 години.

За презентација на овој проект, во Скопје допатува првиот човек на Реал Мадрид фондација, Хоакин Сагес Блеса.

 „Фондацијата Реал Мадрид е производ на клубот и се грижи да ги промовира социјалните и општествените вредности. Многу сме горди што по повеќе од 50 земји во светот, Реал Мадрид фондацијата ќе има свој интернационален камп и во Македонија. Нашата цел е момчињата и девојчињата кои ќе бидат дел од кампот, да го искусат неверојатното дружење, но и преку работата и тренинзите да ја дознаат формулата за успех. Ќе се работи на две основи, подобрување на фудбалските вештини, но и градење на човечки вредности. Сакаме после ова искуство, децата да бидат среќни, но и исполнети затоа што биле дел од „Campus Experience“. Секако, за тоа ќе се грижат тренерите од Шпанија, како и едукаторите кои несебично ќе го споделат своето знаење“, вели првиот човек на фондацијата Реал Мадрид во разговорот за ЕКИПА.

На ваквите фудбалски кампови, забавата и дружењето се најважни, но исто така и споделувањето на вистинските вредности, дека ниту една титула не може да се освои самостојно, туку само доколку индивидуата е подредена на колективот.

 „Токму на тие вредности е базиран кампот, забавата е основна, затоа што тоа се сепак деца кои на крајот од денот треба да бидат среќни затоа што се дел од „Campus Experience“. Покрај дружењето, основата ќе биде поставена на тимската работа. Многу е важно децата од најмала возраст да научат да споделуваат, и да знаат дека ниту една победа не доаѓа сама по себе. За тоа се потребни многу труд и напорна работа. Токму тоа е формулата за успех“, истакнува Хоакин Сагес Блеса.

Согласно стандардите на Реал Мадрид Фондацијата, на секои 20 учесници ќе има по еден тренер. Дополнително, во рамки на едукацијата ќе учествуваат и други предавачи, како од Шпанија, така и од Македонија. Дел од планот се и монитори кои ќе го организираат слободното време на учесниците меѓу тренинзите.