Карлос Касилјас Санчез: Вредностите на Реал Мадрид Фондација се животно училиште

Фондацијата на Реал Мадрид е бренд кој егзистира во повеќе од 50 држави во светот, а повторно е и во Македонија. Во Охрид се одржува второто издание на кампот Real Madrid Foundation Campus Experience, на кој младите „мадридисти“ се дружат, ги усовршуваат фудбалските тајни, но и најважно од се, осознаваат вредности потребни за успех и напредок во животот.

Карлос Касилјас Санчез, менаџерот на Campus Experience Real Madrid Foundation, е задоволен од организацијата на кампот на охридското крајбрежје. Талентираните фудбалски ентузијасти се сместени во хотелот „Аквалина“ и веќе три дена работат под посебна програма на тренерите од Мадрид, Хуан Андрес Гонзалес и Жоакин Валерио.

„Вторпат сме во Македонија и веќе сме како дома. Охрид нуди одлични услови и Campus Experience Real Madrid Foundation се одвива според посакувањата. Овде сме заедно со тренерите Хуан Андрес Гонзалес и Жоакин Валарио да им пренесеме на младите дел од искуството кое ќе им овозможи нови знаења. Најмногу за фудбалските тајни, но и да спознаат за основните животни вредности кои ќе им бидат потребни во животот. Ги учиме за лидерство, тимска и напорна работа, почит, самоконтрола. Тоа се вредности кои секој млад човек треба да ги има во себе за животните предизвици кои му претстојат“, вели Карлос Касилјас Санчез.



Фудбалот е сепак главна преокупација на децата на Campus Experience Real Madrid Foundation. Низ петте дена на кампот се усовршува фудбалското знаење.

„Полагаме внимание на сите елементи од фудбалската игра. Пред се техниките за владеење со топката, но и визија за фудбалското поле и носење на важни одлуки на теренот во текот на играта. Секако, сето ова низ дружба, многу забава и фудбалски натпревари прилагодени за возраста на фудбалерите. И морам да кажам дека сме исклучително задоволни и од дисциплината и од квалитетот на „мадридистите“ на кампот“, порачува главниот менаџер на  Campus Experience Real Madrid Foundation.

Македонија, претставувана преку носителот на лиценцата Влатко Тодев, има вистински предиспозиции за Campus Experience Real Madrid Foundation. Во иднина, ќе бидат најавени и други кампови и нови проекти.

„Ние сме среќни што имаме вакви домаќини, кои максимално се вложуваат и обезбедуваат одлини услови за работа. Се е овде речиси перфектно, дури и во вакви зимски услови. Македонија е навистина прекрасна земја со гостопримливи луѓе, а и ние Шпанците имаме сличен менталитет. И среќни сме што можеме да соработуваме и да ги пренесуваме нашите знаења. Се надеваме дека ќе има уште многу кампови на Campus Experience Real Madrid Foundation во Македонија и ќе уживаме во нашето дружење“, заврши Карлос Касилјас Санчез.

Посебното фудбалско уживање во Охрид ќе остане засекогаш во меморијата на младите фудбалски ентузијасти. Привилегија е да се биде дел од Campus Experience Real Madrid Foundation.


https://www.youtube.com/watch?v=pGMHBgijIwQ