Актуелно

Работнички, Кит-го и Тиквеш во новиот голем проект на „Реал Мадрид Фондација Клиник“

Реал Мадрид Фондација преку лиценцираниот партнер во Македонија, „Еуро Спорт Арена“, го стартува новиот голем проект за организација на фудбалски кампови со фудбалските клубови од нашата земја. Можност да бидат организатори оваа година во проектот „Реал Мадрид Фондација Клиник“ ја имаат прволигашот Работнички и второлигашките клубови Кит-Го и Тиквеш.

„По незаборавните доживувања со претходните два кампа, „Real Madrid Foundation Campus Experience“ во Скопје и во Охрид, чест ми е што можеме да одиме едно скалило погоре и во Македонија да го реализираме следниот нов проект именуван во „Real Madrid Foundation Clinic”. Тој ќе се реализира исклучиво во соработка со фудбалски клубови и школи во Македонија и чест ни е да ја најавиме соработката со фудбалските клубови Работнички, Кит-Го и Тиквеш, која ќе се реализира истовремено, од 17 до 21 јуни, со фудбалски кампови во Скопје, Штип и во Кавадарци. Според принципите на „Реал Мадрид Фондација Клиник“, младите фудбалери од македонските клубови и школи ќе имаат можност да уживаат во уникатен пристап за обука и спортски вредности и ќе се стекнат со неверојатно фудбалско искуство, додека тренерите од фудбалските клубови Работнички, Кит-Го и Тиквеш, ќе бидат вклучени во кампот и ќе работат според уникатниот пристап и методи за обука на „Реал Мадрид Фондација Клиник“ – изјави Влатко Тодев, прв човек на „Еуро Спорт Арена“.




„Учесниците на кампот ќе добијат оригинална спортска опрема од „Реал Мадрид Фондација“, неколкумина ќе бидат избрани и да присуствуваат на изборниот камп во Шпанија, да бидат една седмица во Мадрид, на тренинг-комплексот „Валдебедас“ и да имаат неверојатно доживување. Преку нашиот партнер Iute Credit овозможено е плаќањето за учество на камповите да се изврши на десет рати, со многу поволни услови за сите корисници кои ќе аплицираат за учество“ – додаде Тодев.

ФК Работнички ќе биде организатор на кампот што ќе се одржи во Скопје.




„Голема чест ни е што ќе бидеме дел од организацијата на еден ваков фудбалски камп со европско педигре. Работнички секогаш вложува многу во својата младинска школа и се радуваме што ќе можеме да им го понудиме на нашите млади фудбалери ова неверојатно доживување“ – изјави Ненад Монев, генералниот секретар на ФК Работнички.

Фудбалски камп ќе биде организиран и во Штип, зад кој ќе стои второлигашот Кит-Го.

„Ни претставува особена чест што и нашиот фудбалски клуб Кит-Го е вклучен во организацијата на „Реал Мадрид Фондација Клиник“. Сите млади момчиња и девојчиња од нашиот регион ќе имаат можност да бидат од еден ваков голем фудбалски проект и се радуваме што ќе дадеме полн придонес во еден ваков проект“ – истакна Кире Гогов, првиот човек на ФК Кит-Го.




Третиот фудбалски камп ќе биде организиран во Кавадарци во соработка со ФК Тиквеш.

„Тиквеш е исто така привилегиран клуб што ќе може да биде дел од овој голем проект на „Реал Мадрид Фондација Клиник“ и ќе сториме се за нашата младинска школа, а и сите други фудбалери кои ќе имаат желба, да уживаат максимално и да ги научат тајните на фудбалот од врвните тренери на „Реал Мадрид Фондација Клиник“ во нашиот град“ – изјави Трајче Димитриев, претставникот на ФК Тиквеш.




На прес-конференцијата присуствуваа и претставници на Iute Credit и на Ресурсен Центар, Михаил Андоновски и Александар Мазнев, кои исто така ќе бидат вклучени во организацијата на овој голем фудбалски проект на „Реал Мадрид Фондација“.